Интервју | Проф. д-р Един Бегиќ, кардиолог: Поединецот може да влијае врз примарните ризик фактори за срцев удар
Кога ќе се спојат стручноста, научниот придонес и хуманиот пристап во секојдневната лекарска пракса, резултатите се видливи за пациентите и за нивната околина. Токму таквиот пристап го негува реномираниот кардиолог од Босна и Херцеговина, проф. д-р Един Бегиќ, кој викендов беше еден од предавачите на Симпозиумот на млади лекари што се одржа во Скопје во организација на Здружението на лекари специјализанти (ЗЛС).
Како универзитетски професор и меѓународно активен експерт, д-р Бегиќ ја гради својата кариера врз темелите на знаење, превенција и сигурен однос со пациентите и несебично го споделува своето искуство со помладите колеги.
– Најважното нешто во професионалната кариера за еден млад човек е во еден момент да сретне или запознае некој поразличен, кој го менува начинот на разбирање на праксата и со тоа да ја разбуди љубопитноста на таа личност и да понуди ентузијазам за да биде подобар, поразличен и свој, и на овој начин да си овозможи себеси и на пациентот нешто целесообразно. Чувството дека човекот има можност да го даде својот максимум и да чувствува дека се вложува максимално, веројатно е чувство што води кон лично задоволство, без оглед на резултатот, кој често не зависи исклучиво од поединецот. Да се запознае некој таков, да се слушне како некој друг, некаде, прави нешто квалитетно, е многу значајно и придонесува за професионален напредок – вели д-р Бегиќ.
Од вашето искуство, дали повеќето пациенти се насочени кон превенција на кардиоваскуларните заболувања или пак се обидуваат да сменат нешто откако ќе им се појави конкретен проблем?
– Во повеќето случаи, менталитетот на Балканот не обрнува многу внимание на превентивната медицина. Дури и младите лекари избегнуваат да се занимаваат со сегменти од медицината каде што превенцијата е професионално дејствување. Се чини дека новите генерации го менуваат тоа сфаќање и се надевам дека наскоро насоката во дејствувањето против една патологија ќе биде сеопфатна, што значи дека ќе започне со дејствување на сегментот на јавното здравје во форма на кампањи или насоки за сузбивање или менување на свеста за постоењето (или појавата) на некое заболување.
Кардиоваскуларните болести се една од најчестите причини за смртност во земјава. Во однос на животниот стил, кои се најголемите ризици за состојбата на срцето и крвните садови?
– Концептот на „намалување на ризикот“ e прифатен во современата медицина, првенствено во стручната литература и академската заедница (сегментот што се занимава со научно-истражувачка работа), но во пракса сè уште не се почитува, најмногу поради недоволната законска регулатива во рамки на јавното здравство, што е условено од социјални и психолошки детерминанти. За жал, кога се носи законската регулатива, се чини дека никој не ја прифаќа и почитува како што треба. Модифицирачките фактори на ризик за кардиоваскуларен инцидент се оние фактори на ризик врз кои поединецот може да влијае. Намалувањето на внесот на сол во секој оброк, секојдневна физичка активност (прекумерната телесна тежина е глобален проблем), престанокот со пушење и престанок со консумирање алкохол, се во фокусот на дејствувањето на лекарите кои се занимаваат со превентивна кардиологија (медицина), но и во фокусот на дејствувањето на лекарите кои се во примарната, секундарната и терцијарната здравствена заштита. Хроничниот стрес и психосоцијалните фактори (депресија, анксиозност, стрес на работа), заедно со недостигот на сон, дополнително го усложнуваат горенаведениот сегмент на дејствување.

Што може да направат граѓаните за да ги намалат ризиците и да ги сменат штетните навики?
– Генерално, откажувањето од пушење (пушењето традиционални цигари е најчест фактор за појавата на кардиоваскуларни инциденти, онколошки и пулмонални патологии) и прекинувањето со консумирање алкохол, е од суштинско значење за пациентот, и пред и по кардиоваскуларен инцидент. Покрај овој сегмент, потенцирањето на физичката активност е императив. Ова е тема на научни истражувања уште пред 45 години. Во осумдесетите години на минатиот век се сметаше дека 22 отсто од пациентите со прележан срцев удар успеваат да го одржат престанокот со пушење (се следеле две години по срцевиот удар). А генерално, ставот во модерната медицина е дека околу 45 отсто од пациентите ќе престанат да пушат по прележан срцев удар во едногодишно следење, а дека таа бројка ќе се намалува со текот на времето. Ова покажува колку концептот на пушење е проблем во клиничката пракса. Ако кон тоа се приклучи и генералниот менталитет на регионот во кој живееме, но и големиот број лекари и здравствени работици кои се активни пушачи (преваленцата оди до 45 отсто), веројатно пациентите ја губат довербата во концептот дека откажувањето од пушење е императив.
Сите лекови (фармаколошки агенси) дејствуваат врз воспалителниот процес на ниво на крвните садови. Во медицинската пракса, сите пациенти во лабораториските наоди контролираат маркери кои се поврзуваат со воспалителниот процес (вкупен холестерол, триглицериди, „добар“ (HDL) и „лош“ холестерол, вредности на CRP со висока чувствителност, хормонален статус). Ефектот на лековите се следи преку овие параметри (како и параметрите кои го анализираат протокот низ крвните садови). Ако пациентот прочита стручна литература, лесно ќе најде податоци за ефектот на цигарите врз овие параметри, т.е. што се случува со нив ако престане да пуши. Заклучокот е, ако исто читаме, дека пушењето во суштина го намалува (а во некои случаи и го поништува) дејството на лекот. Поради тоа, законската регулатива има за цел, преку забрана за пушење во одредени сегменти од животот, да го намали ефектот од оваа навика врз оние кои активно или пасивно консумираат цигари. Сето ова води кон јасна порака дека пушењето и тоа како е штетно, односно дека е неопходна нулта толеранција во однос на пушењето во целото општество, со промовирање на оваа идеја уште од најраното ниво на образование.
Ако се вратиме на оние 55 отсто од пациентите кои нема да престанат да пушат по прележан срцев удар, или ако ја погледнеме пошироката слика, колку пушачи и покрај желбата, ќе престанат да пушат? Литературата вели дека тоа е од 3 до 8 отсто една година откако ќе одлучат да го направат тоа, со што се наметнува прашањето „Што со овие пациенти“? Постојат докази добиени преку научни истражувања дека употребата на технологија „загревање, не горење“, односно помалку штетна алтернатива, го наоѓа своето место во насоката на дејствување на намалување на ризикот.
Што ги советувате пациентите кои се загрижени за своето кардиоваскуларно здравје, кој е најдобриот начин за да го зачуваат?
– Промената на животниот стил е најважниот сегмент и мотивација, како во примарната (пред кардиоваскуларен инцидент), така и во секундарната (по кардиоваскуларен инцидент) превенција. Доколку пациентот навистина го сака тоа, лекарот мора да биде водичот кој ќе донесе промена што води кон поквалитет живот, продолжување на животниот век и намалување на можноста за акутен инцидент (срцев удар, односно мозочен удар).


